Традиционално, во месец Мај се одржува фестивалот на класична музика „Мајски оперски вечери“. Фестивалот беше отворен на 9ти Мај со звуците на „Триумфалниот марш“ од операта „Аида“ и палење на фестивалскиот оган во Националната опера и балет.
На јубилејното, 50. издание на овој реномиран фестивал настапуваат домашни и светски режисери, диригенти, кореографи, оперски и балетски солисти. Во рамките на фестивалот беа изведени: операта „Норма“ од Винченцо Белини, балетот „Госпоѓиците од Авињон“ по музика на Калиопи Букле, операта „Лучија од Ламермур“ на Гаетано Доницети, балетот „Жизел“ од Адолф Адам и операта „Турандот“ од Џакомо Пучини. Традиционално, на 31 мај манифестацијата се затвора со операта „Аида“ од Џузепе Верди.