Во врска со пројавениот јавен интерес за побарувањата кои ЗАМП Скопје ги има од корисници на авторски музички дела – сопственици на апартмани, ЗАМП Скопје го дава следното
СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ
Со кое појаснува дека како организација за колективно управување на авторските музички дела, врши прибирање на авторските надоместоци за користење на делата, раководејќи се од Законот за авторското право и сродните права, како и актите на ЗАМП меѓу кои и Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела. Во самиот Закон за авторското право и сродните права е предвидено дека надоместок за користење на авторско дело плаќаат и субјектите кои обавуваат дејност на сместување, располагаат со сместувачки капацитети.
Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела во кој е образложен начинот на кој се утврдува висината на надоместокот е објавен во Службен Весник број 153 од 30.10.2017 година и на web-страната на ЗАМП Скопје – https://zamp.mk/ во делот законска регулатива.
Фактурите на сопствениците на апартмани се издадени согласно став 1 и став 3 од тарифниот број 5 од Правилникот со тарифа за користење на авторски музички дела.
Според ставот 1 за користење на музички дела во пансиони, хотелски соби, апартмани, хотелски населби, апартмански населби и сл. сместувачки капацитети, по пат на радио апарати, интерна телевизија од затворен тип или било која друга телевизиска или кабелска мрежа месечниот надомест изнесува 5 бода по реализирано ноќевање.
Според ставот 3 корисникот е должен да доставува до 15-ти во месецот за претходниот месец, извештај за бројот на реализирани ноќевања согласно точка 1 од овој тарифен број. Во случај кога корисникот нема да достави извештај во предвидениот рок кој треба да е идентичен со доставениот извештај до надлежен орган (Министерство за внатрешни работи на РМ и Локалната самоуправа) месечниот авторски надоместок ќе се пресметува во зависност од капацитетот на објектот и тоа:
а) до 25 гости 500 бода
б) од 26 до 50 гости 1.000 бода
в) од 51 до 75 гости 1.700 бода
г) од 76 до 100 гости 2.500 бода
д) од 101 до 500 гости 3.600 бода
ѓ) повеќе од 500 гости 6.000 бода.

